Придонес на ЦУП во реализација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022

Дата: 24.08.2018

Центарот за управување со промени (ЦУП) спроведува повеќе тековни проекти кои придонесуваат кон постигнување на индикаторите дефинирани во Стратегијата за реформа на јавната администрација - СРЈА (2018-2020). Повеќето активности се спроведуваат во соработка со надлежните институции. Проектите се финансирани со фондови на Британската амбасада и Европската Унија.

 Би сакале да предочиме некои од постигнатите резултати во насока на поефикасно постигнување на целите на Стратегијата, реализирани во рамки на програмите поддржани од Британска амбасада, „Поддршка на процесот на реформа на јавната админстрацијa” и „Административна правда”, во периодот од јануари до јуни 2018 година,

 

1. АНАЛИЗА НА МОДАЛИТЕТИТЕ ЗА СТАТУСОТ НА АКАДЕМИЈАТА ЗА ОБУКА И СТРУЧНО УСОВРШУВАЊЕ ‐ СЕКТОРОТ ЗА ОБУКА ВО МИОА

Во мај 2018 година беше изработена детална анализа за можните модалитети за воспоставување на Академија за стручно усовршување на административните службеници. Анализата вклучува компаративен преглед на институциите одговорни за обука на службениците во јавната администрација во 9 европски земји и тоа на: статусот и типот на институциите, нивната организација и начин на финансирање, целната група односно опсегот на корисници, како и обемот и типот на обуките. Врз основа на идентификуваните типови институции, даден е преглед на нивните јаки и слаби страни, недостатоци и предности во македонскиот контекст.

Анализата дава и јасни заклучоци и препораки, за модалитетите на Академијата, а конечната одлука треба да ја донесе МИОА и Владата. Цениме дека анализата е солидна, информативна и поучна и треба да биде јавно објавена.

 

2. МЕТОДОЛОГИЈА НА ВНАТРЕШНА ФУНКЦИОНАЛНА АНАЛИЗА

Во периодот јануари-јуни 2018, беше разработена Методологија за спроведување на функционална анализа во институциите од јавниот сектор во соработка со МИОА. Методологијата е подготвена врз основа на британското искуство за проверка на подготвеноста на институциите (Capability review), надминувајќи ги увидените недостатоци во претходно употребуваната методологија, но пред се базирајќи се на стратешките цели на институциите од нивните Стратешки планови и ресорни стратегии, односно нивната подготвеност за реализација. Методологијата предвидува процесот да заврши со конкретен план на мерки и активности за подобрување во сите анализирани области (структура на институции, подготвеност за исполнување на стратешки цели, раководење, комуникација, управување со човечки ресурси итн.), кој ќе биде одобрен од раководството на институцијата и редовно следен во неговото исполнување. Методологијата е спроведена во две пилот институции – МИОА и МТСП, по што се подготвени извештаи за спроведените функционални анализи  и планови за подобрување. По пилотирањето методологијата е финализирана, а претставници на 15 институции беа обучени за нејзина примена, во поддршка и на останатите институции за полесно спроведување на функционални анализи. Методологијата треба да биде ставена на располагање на сите институции кои сакаат да ја користат.

3. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ ЗА ПРОЦЕНКА НА ВЛИЈАНИЕ НА РЕГЛАТИВАТА (ПВР)

Главната цел на оваа иницијатива од проектот беше преземање на мерки за подобрување на спроведувањето на процесот на ПВР, поедноставување на Извештајот за ПВР, како и обука за надградба на административните капацитети во министерствата. Воедно беа организирани обуки и работилници за подобро разбирање на ПВР процесот на кабинетски службеници во министерствата. Сепак, унапаредување на вештините на администрацијата за анализи темелени на докази и статистички параметри како и вештини за проценка на финансиските импликации од регулативите и политиките, и понатаму се неопходни.

 

4. СТРАТЕГИЈА ЗА ОТВОРЕНИ ПОДАТОЦИ

Изработена е Стратегија (Достапна на : http://www.mio.gov.mk/?q=mk/node/1825 ) за отворени податоци како начин на подобрување на транспарентноста, отвореноста  и интегритетот на институциите, која треба да придонесе кон унапредување на иновативноста и економскиот развој во земјата. Воедно таа е првиот и основен чекор за дигитална трансформација на институциите. Сепак, подготвеноста на институциите за нејзина ефикасна примена се недоволни и претставуваат потенцијална опасност за нејзина имплементација. Овие состојби беа воочени за време на пописот на податочни сетови согласно законската регулатива во четири пилот институции.

Оттука цениме дека е неопходно да се работи на подобрување на институционалната меморија и засилување на процесите на собирање и обработка на податоците во институциите.

5. ПОРТАЛ ЗА ОТВОРЕНИ ПОДАТОЦИ

Во тек е изработка на порталот за отворени податоци кој треба да биде централна точка каде ќе бидат објавувани сите податоци согласно Стратегијата за отворени податоци. Овој портал треба да им овозможи на корисниците да пребаруваат, визуелизираат (онаму каде е тоа можно), и да преземаат податоци. Исто така, порталот ќе им овозможи на овластените корисници да објавуваат податочни сетови и други содржини и да управуваат со процесите на објавување. Порталот има за цел да ja промовира реупотребата на отворените податоци заради транспарентност и генерирање на додадена економска и социјална вредност за Република Македонија, демонстрирајќи посветеност на Владата на РМ за транспарентност и отвореност на податоците. Со цел порталот да биде функционален неопходен е засилен пристап во генерирање на податочни сетови од институциите и поттикнување на млади ентузијасти за изработка на апликации корисни за граѓаните. На овој начин ќе се зголеми и побарувачката и понудата на разни податочни сетови.

6. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА АДМИНИСТРАТИВНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ

Врз основа на увидените проблеми со кои се соочуваат институциите и службениците беа направени измени, поедноставувања и подобрување на процесот на оценување на државните службенци. Заради промената на законскиот основ беше донесен сосема нов Правилник, вклучувајќи ги и обрасците за оценување (Службен весник бр. 63/2018). Сепак, сметаме дека процесот на оценување треба да подлежи на посистематска анализа и неопходни се понатамошни подобрувања особено во начинот на оценување на компетенциите на вработените.

7. АНАЛИЗА НА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Направена е анализа во областите на здравството, образованието, социјалната заштита и други, со која се утврдуваат минималните стандарди заеднички за сите вработени во јавниот сектор, во однос на постапката за вработување, унапредување, стручно усовршување, мерење на учинок, права и должности итн., а која покажа недоследности во овие постапки. Притоа проследени се предлог-решенија за нивно надминување (Достапна на: http://www.cup.org.mk/publications/Pravna%20usoglasenost_web.pdf.).

Се предлага МИОА да ги искористи овие согледувања во насока на унапредување на овие принципи и нивна конзистентност во јавниот сектор.

8. АНАЛИЗА НА ИМЕНУВАНИТЕ И ИЗБРАНИТЕ ЛИЦА

Начинот на кој се избираат и именуваат членови на управните одбори, нивните улоги и одговорности за функцијата за која се назначени мора да бидат јасно пропишани во законите. За жал, критериумите за избор и постапката се нејасни и недоволно познати во јавноста. Останува широка забелешка дека за многу избрани функции, за оние за кои има пропишани критериуми за избор, тие се само општи и многу непрецизни.

(Достапна на: http://www.cup.org.mk/publications/Imenuvani%20i%20izbrani_za%20web_02.pdf. ) Препораките и заблешките од анализата, треба да бидат земени предвид во идните мерки на Владата и МИОА, во имплементација на мерките за професионална државна служба дефинирани во СРЈА.

9. УПРАВНО - ПРАВНА ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ И ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА

Анализата има за цел да ги согледа позитивните страни, ефикасноста, но и проблемите и предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, како и самите институции во пружањето на правната заштита на правата на граѓаните и правните лица во управна постапка и во управен спор. Истражувањето покажува дека е исклучително низок бројот на мериторно решени предмети, односно предмети во кои Комисијата постапувајќи по жалбата на странката го поништила решението на првостепениот орган и во целост самата го решила предметот. Ова дополнително укажува дека најголем број решени предмети е таков во кој Комисијата ја уважила жалбата, го поништила решението и го вратила на повторно одлучување до првостепениот орган.

Овие и други согледувања предлагаме да бидат земени предвид во унапредување на управно правната заштита на граѓаните и вработените во јавната адмиинистрација (Достапна на: http://www.cup.org.mk/publications/Zastita-na-gragjanite_MAK_za%20pechat.pdf.).  

10. КАТАЛОГ НА УСЛУГИ

Во рамки на проектот „Граѓански ориентиран пристап за испорака на јавните услуги” поддржан од Европската унија, ЦУП директно го поддржува пополнувањето на Каталогот на услуги со внесување на податоци за јавните услуги регулирани во 50 закони. Овие закони ги регулираат најчесто користените услуги од страна на граѓаните за кои во Каталогот се внесуваат правната основа, одговорните институции и лица, потребните докази/документи, услови, начинот на испорака, правните лекови, рокови и сл. До сега во каталогот се внесени 350 услуги. Она што е главен предизвик за целосна дигитализација на услугите е квалитативна анализа на правните услови и неусогласености за овие закони и подзаконските акти кои ги регулираат услугите, со цел тие во иднина систематизирано да се отстранат. Во проектот се предвидува и организирање на јавна расправа за дискутирање на начините за подобрување на јавните услуги кон граѓаните од страна на институциите.

Веруваме дека сите изнесени аспекти на работа и постигнати резултати ќе бидат корисни за реформите во јавната администрација.

 

 

business ул. Рајко Жинзифов бр.44-1,
1000 Скопје, Македонија

call Тел: +389 2 6092 216
message Факс: +389 2 6092 216
email e-mail: info@cup.org.mk