Голем интерес за стручната дебата за ефикасноста на управно-правната помош и заштита на граѓаните

Дата: 20.12.2017

Центарот за управување со промени успешно ја реализираше стручната дебата за ефикасноста на управно-правната помош и заштита на граѓаните.

Во име на Центарот за управување со промени, присутните ги поздрави извршниот директор на организацијата, Неда Малеска – Сачмароска, додека работата на дебатата ја модерираше, Гордана Стефковска – Вељановска, проектен менаџер на проектот “Следење на административната правда”, во рамките на кој беше и изработено истражувањето за ефикасноста на управно-правната помош.

Пред повеќе од 60 стручни лица од Управниот суд и комиисите од областа на управно-правната заштита , Министерството за информатичко општество и администрација, Министерствата за правда и здравство, фондот за здравство, професори по управно право, УЈП, градот Скопје, организацијата на потрошувачи, здружението на млади правници и други лица, како и адвокати-практичари кои ги застапуваат граѓаните во управни постапки и спорови, своето истражување за работата на управните судови и второстепените комисии, го претстави професорот Драган Гоцевски.

Во име на МИОА, стручната дебата ја поддржа државниот секретар Јахи Јахија, кој се осврна и на новините кои ги воведе законот за општа управна постапка од 2015-та година.

За предизвиците со кои во својата работа се соочува Управниот суд, зборуваше претседателот на оваа институција, Бурим Сејдини.

Тој особено ја истакна потребата од зајакнување на стручно-административните капацитети во УС, преку вработување на стручни и стручно административни судски службеници и технички персонал, преку обезбедување на административна зграда на судот, преку измена и дополнување на законската регулатива, во поглед на непостапување на јавните органи по одлуките на УС и определување на соодветни санкции. Претседателот на Управниот суд ја потенцираше и потребата од измена и дополнување на законската регулатива, во поглед на проблемот со недоставување на списи од јавните органи.

На приоритетите во делот на регулација на општата управна постапка се осврна државниот советник во МИОА, Билјана Николовска-Жагар, додека за клучните фактори за ефикасноста на работата на државната комисија за одлучување во управна постапка зборуваше нејзината претседателка, Ирена Брзанова.

Големо внимание привлече и дебатата за пристапот до управно-правната помош и нејзиниот краен исход за граѓаните, во која главниот збор го имаа практичарите , односно адвокатите – застапници во управни постапки и управни спорови, Жарко Хаџи – Зафиров, од адвокатската канцеларија BONA FIDE и Фани Михајловска од адвокатската канцеларија Михајловска. За потребните промени во делот на инспекцискиот надзор зборуваше консултантот Југослав Ѓоргиевски.

Последниот дел од дебата беше насочен кон предлог мерките кои се препорачуваат за унапредување на ефикасноста на управно-правната помош и практика, кои накусо ги презентираше професорот Гоцевски.

Предложените мерки потоа беа анализирани од апсект на релевантноста, можни потешкотии за нивно спроведување како и проценка на крајниот ефект, од страна на три работни групи.

business ул. Рајко Жинзифов бр.44-1,
1000 Скопје, Македонија

call Тел: +389 2 6092 216
message Факс: +389 2 6092 216
email e-mail: info@cup.org.mk